Три цилиндри распослани на зафатнина од 10,6 литри способни да ослободат 450 KS а притоа да ја задржат еколошката пристојност. Делува нестварно, ама веќе функционира!

Achates Power opposed-piston motor
објавено на 15 мај 2021 година
  

Дизел моторите веќе се ставени на бесилка - треба само уште некој да го бутне столчето. Тоа го почувствуваа сите патнички возила кај кои дизелите се сé поретка појава. Но чекајте луѓе божји, што ќе правиме со комерцијалните возила, големите камиони, автобусите, работните машини… Па не може така едноставно да ги електризираме сите овие тешкаши!

Од друга страна, постојната технологија на дизел мотори ја губи битката со сé построгите еколошки норми. Чаре? Одговорот стигнува од таму каде што најмалку се очекуваше - од САД. Развојната компанија Achates Power со седиште во Сан Диего, формирана во 2004 година, веќе има продукт кој многу елегантно го решава проблемот - моторот кој (засега) троши нафта на работен волумен од 10,6 литри има само три цилиндри. Специфика: моторот е од конструкцијата која се нарекува opposed-piston, што значи дека во еден цилиндар еден наспроти друг се поставени два клипа и кој има централно палење. Уште повеќе, моторот работи со само два такта. Резултатот е фасцинантен - емисијата на азотните оксиди (NOx) и јаглерод диоксид (CO₂) го прават најчист мотор со внатрешно согорување на светот. Притоа моторот, експериментално вграден во влекачот Peterbilt 579, воопшто не пати по перформанси - 450 коњи и вртежен момент од 2.373 Nm се гаранција за ефикасност и примерна економичност.

Achates Power opposed-piston motor

За овие охрабрувачки својства гарантира авторитет од калибарот на Calstart, регулатор кој е одговорен за испитување на издувните гасови на ниво на Калифорнија. Уште сега новиот дизел ги исполнува нормите кои во САД на сила ќе стапат во 2026 година. За да се комплетира успешната приказна, производителот тврди дека оваа конструкција на мотор може како гориво да користи нафта, бензин, природен гас, па дури и водород. Токму употребата на водород во моментот е најитригантна затоа што со него емисијата на штетни гасови едноставно ја нема. Без понатамошни експликации, само уште податокот дека експерименталната фаза веќе е при крај, а помасовна употреба се очекува од почетокот на јули.

Се чини дека после сите овие препораки, слободно ќе може да извикаме: дизелот е жив!

линкови

Achates Power

Calstart

  

❮  сите актуелности од светот