Сообраќајната полиција која го интензивира своето присуство на терен очигледно дава резултати. Но дали е тоа доволен услов за трајно зголемување на безбедноста?

Сообраќајни контроли
објавено на 24 јануари 2021 година
  

Во тесно поврзаниот триаголник, возач-возило-инфраструктура, контролната улогата на сообраќајната полиција се наоѓа токму во средиштето на тоа тројство. Средувањето на нашиот прилично хаотичен сообраќај најлесно беше да се започне токму од јадрото, па затоа често се предупредуваше на отсуството на полицијата на терен. Од таа фактичка состојба до неконтролирани возачки дејствија, разликата е микронска.

Минативе неколку месеци кои поминаа со интензивно присуство на полициските службеници на терен, очигледно даваат резултати. Фрапантната бројка на „фатени“ прекршители ги заменија црните статистики. А репертоарот на прекршување на правилата и прописите навистина е раскошен. Се стекнува впечаток дека секој учесник во сообраќајот како да гледа што поуспешно да ја продаде неговата недисциплина. Започнувајќи од управување без адекватна дозвола, па преку нерегистрирани возила, преминување на црвено светло, драматично пречекорување на брзинските ограничувања, возење во пијана состојба и што уште не.

Сообраќајни контроли

Сообраќајците се изнапишаа пријави. Ако, така и треба кога се работи за колективната сообраќајна безбедност. Но, поразителен е фактот кој, со што и како вози околу нас. Затоа сите мерки што водат кон побезбеден сообраќај треба да се поздрават и поддржат. Од друга страна, полека се доближуваме до моментот кога треба полициските акциски контроли да преминат во систем со кој постојано ќе се следи сообраќајот. И што е многу важно, неселективно ќе бидат казнувани возачите кои претставуваат опасност за останатите учесници.

Тој премин воопшто не е едноставен и изискува технички предуслови. Пред сé тука мислиме на систем од контролни камери и статични радари, како и други познати уреди од арсеналот за контрола и следење на сообраќајот. Сето тоа мора да биде проследено со ефикасна организација за детектирање и документирање на секој посебен случај, а потоа и да финишира со брзи судски постапки. Потоа - според поврзаноста на стравот, волкот и лозјето - со истовремена комбинација на теренското присуство на сообраќајците, за очекување е бројката на тие што ќе се охрабрат на недозволени, ризични дејствија, максимално да се намали.

Сообраќајни контроли

Па нели крајната цел на општеството е токму постигнување на повисоки безбедносни стандарди? Ако е така, а така е, тогаш ги охрабруваме одговорните за безбедноста на сообраќајот да се потрудат и да исчекорат на скалило погоре, токму на нивото во кое развиените земји имаат насобрано поприлично богато искуство. Секако, паралелно треба да се размислува и за останатите две компоненти од веќе опишаниот триаголник. Многу бргу ќе дојдеме во ситуација каде што како држава ќе треба да се справиме со техничкиот квалитет на возилата кои сообраќаат по нашите патишта и, не помалку важно, со сериозни интервенции во патната инфраструктурата.

објавено во

Autoinfo.mk

  

❮  сите наши ставови