Дали можеме и што треба да направиме за подобрување на очајната безбедност на нашите патишта

Сообраќај
објавено на 15 септември 2020 година
  

Не мора човек да е некаков посебен познавач на состојбите за да констатира дека безбедноста во сообраќајот ни е под секакво ниво. Сите се чувствуваме небезбедни. Која и да е категорија учесници, ќе ви го потврди тоа субјективно чувство кое се потпира врз голи факти. Пешаци, велосипедисти, мотоциклисти, возачи, сите влегуваме во сообраќај со помислата за можно лошо сценарио. Анализата зошто сообраќајот ни е крајно опасен ќе нé доведе до разно-разни заклучоци. Патот до некој цивилизациски ред води преку комплексни решенија. Да, и малку ќе потрае!

Решенијата од типот „само ова треба“ сигурно нема да помогнат во подобрување на состојбите. Тој пат непогрешливо води - во поглед на безбедноста - кон загрозување на водечката позиција на најнебезбедните африкански држави. Ако некој мисли дека претеруваме само нека ги погледне релевантните податоци од европските извештаи. Чаре? Секако дека тоа постои!

Сообраќај

За почеток да се навратиме на општопознатите основни принципи. Три базични фактори влијаат во одвивањето на сообраќајот: човекот, возилото и инфраструктурата. Сите тие треба да функционираат под организациска капа на законите, кои, секако, се донесени од адекватните државни институции. Кога поединечно ќе ги погледнеме трите базични фактори забележуваме дека најбрзи решенија во подобрување на безбедноста може да се постигнат ако директно сé влијае на однесувањето на луѓето, учесниците во сообраќајот. Останатите два фактора - возилата, а поготово инфраструктурата, помеѓу останатото тесно се поврзани и со материјалните можности - лични и државни. Иако и на тоа поле постојат огромни резерви за подобрување.

Во приликава да се задржиме сега само на однесувањето на луѓето. Општо е познато дека почитувањето на законите воопшто не спаѓа во омилените дисциплини на овој народ. Поготово ако со драконски казнени мерки не е приморан на тоа. За жал и на ова поле однесувањето на учесниците во сообраќајот во добра мера зависи од (замислете) националната припадност на граѓаните. Додека едните долго време живееле надвор од системот и комотно се чувствуваат при прекршување на правилата и прописите, мнозинскиот дел функционира по „тате-бате“ принципот на кинење на пријавите. И двата случаи водат кон идентичен резултат - опасно однесување, што пак резултира со крајно небезбеден сообраќај.

Сообраќај

Во тој хаос најчесто страда мнозинството на дисциплинирани учесници кои се „демоде“ и „неприлагодени“ кон условите се приморани да се борат за голо преживување при секое напуштање на домот. И затоа, ете, и највеќе поради нив, под итно владата преку нејзините органи треба да преземе мерки за ефикасна контрола на сообраќајот, брзо санкционирање на прекршителите и, секако, ефикасно елиминирање на интервенционизмот. Сé што треба првично да се направи е зголемено присуство на полицијата на терен и редизајнирање на системот во функција на ефикасно санкционирање на прекршителите. Технолошките помагала за контрола на невралгичните точки дополнително ќе помогнат во зголемување на безбедноста.

Во таа насока за поздравување е новата опрема на полицајците во тетовскиот регион кои отсега сите интервенции ќе ги бележат со мини видео камери. Преземањето на овие мерки воопшто нема да тече глатко, но сепак многу е важно да се почне од оваа позиција. Паралелно со јакнењето на контролата и ефикасното и непристрасно санкционирање на прекршителите, може да се работи и на останатите две фундаментални компоненти. Но, за тие теми во некоја друга прилика!

Сообраќај

Засега ќе завршиме со констатацијата дека факторот човек, наместо на сообраќајот да гледа како поле за преживување, да почне од сопственото однесување па потоа реално да погледне во сообраќајното опкружување. Едно е очигледно: зачмаениот систем мора да профункционира ефикасно, а за да се случи тоа секој поединец треба да даде свој несебичен придонес. Целта е јасна: побезбеден сообраќај за сите учесници!

објавено во

Autoinfo.mk

  

❮  сите наши ставови