Возила во Македонија сé уште се продаваат. Не во толкав обем како што очекуваат продавачите, но сепак се продаваат! Проблемите со било каква конкретна и прецизна анализа на продажните бројки настануваат во моментот кога треба да се соопштат конкретните цифри. Нив едноставно ги нема. Затоа ќе се задржиме на видувања и заклучоци кои се базираат на сопствена перцепција, но за која имаме поткрепа во конкретни факти.
Имено, дискрепанцата помеѓу цените на новите и користените возила никогаш досега не била толку изразена. Како пример нека послужи податокот што само два-три нови модели можат да се купат за цена која не надминува 10 илјади евра, додека за таа цена може да се пазари сосема пристојно возило од европски производители. Нема да продолжиме со ценовните компарации, и онака секое споредување помеѓу нови и стари возила никогаш не завршува со логичен заклучок. Затоа да ја побараме економската логика во купувањето (односно продажбата) на возила.
Сите нови модели што ги нудат нашите импортери подлежат на исполнување на многу строги еколошки и технички норми. Тоа возилата ги прави сé поскапи, па така возилата од Ц-сегментот опасно се доближуваат до границата од 20 илјади евра. Од друга страна, понудата на користени возила е разновидна и богата. Плацеви кои продаваат (посебна тема се условите и начинот на продажба) користени возила има на претек, а во процес на отворање има уште дузина. Богатата понуда си го прави своето, па цените се рушат до ниво на нулта заработка. Ако брзо не се продаде, користеното возило кое стои на плац создава загуба, а инвестицијата треба да врати, нели?
Во овие неспорни факти ја гледаме причината за сé поголемата разлика во цената помеѓу новите и користените возила. Во крајна линија говориме за економски параметри кои би требало слободниот пазар со своите механизми да ги регулира. Единствен проблем кој би требало сите да нé засега е процесот на континуирано стареење на возниот парк. Зошто, ќе прашаат корисниците кои за неколку илјади евра можат да си го остварат својот животен сон и да си дозволат купување на користен автомобил кој сé уште изгледа одлично.
Рационалниот одговор би гласел: поради загадувањето и безбедноста. Тие се двете големи причини кои нé засегаат сите. Баш сите граѓани се изложени на загаден воздух и на сообраќајните опасности кое демнат од секој агол. Никаде во нормално развиениот свет цената на моторизација на нацијата не е платена поскапо отколку кај нас. За жал, нашата нација сé уште е во фаза на првобитна моторизација, а сегашниот јаз помеѓу цената на новите и користените автомобили никогаш не бил поголем. Се надеваме дека причината делумно ја разјаснивме. Последиците ќе ги трпиме сите, а решението никогаш не било покомплексно! Во оваа состојба веќе имаме заглавено предлабоко, па секое решение ќе биде болно!