Зборуваме за Скопје, но истото важи за сите поголеми наши, но и европски градови. Поради мерките со кои треба да се совлада пандемијата, сообраќајот е драматично проретчен. Констатацијата важи за урбаните центри - приказна за себе се останатите патишта, но и таму ефектите се идентични. Присилно наметнатите мерки како да ја пробудија природата. Сведоци сме на почист воздух, прочистени реки, процветана природа. Низ цела Европа.
Ако се сконцентрираме само на сообраќајот (да не го занемариме загадувањето од индустријата) сигналот е јасен. Употребата на моторизираните возила ќе треба да се редуцира. Алтернативите одамна се подготвени и понудени: индивидуалниот еколошки превоз мора да добие апсолутен приоритет. Во наши услови тоа би значело давање приоритет на велосипедите.
Повеќето европски градови (и досега предничеа со патна инфраструктура) помеѓу кои Милано, Торино, Берлин, Париз, Мадрид, Виена и други, веќе ги прецртаа коловозните ленти. На сметка на автомобилите тие се ослободуваат за велосипеди. Да, во оваа категорија се вклучени разно-разни варијации на тема движење со сопствена сила или комбинации каде што за погон помагаат и електромотори.
Оваа мерка се наметнува како применлива и кај нас. Во најголем број случаи градските сообраќајници (барем низ Скопје) се со по три коловозни ленти, или барем најмалку со две. Кој би имал против едната да биде резервирана за велосипедистите? Знаеме дека во инфраструктурата по која се движат само велосипеди од ден на ден се збогатува. Но, очигледно тоа не е доволно! Одличен пример за организација на сообраќајот може да биде Швајцарија. Таму крајната лева лента е наменета за движење на велосипедите. На останатите една или две ленти се движат моторните возила.
Намерата е јасна - да се стимулира возењето на индивидуални, пред сé еколошки, превозни средства на сметка на моторизираните. Бенефитот е повеќе од очигледен: сите ќе дишеме почист воздух и побрзо ќе се движиме! При ваква ситуација ќе настрадаат возачите на автомобили. Нивната реакција е прилично предвидлива: и онака неподносливиот метеж, сега ќе се доведе до непроодност. Да, има вистина во тоа. Но, нели само при силна дерегулација можеме да дојдеме до квалитативно нова ситуација? Идејата е учесниците во сообраќајот да ги променат навиките - секој кој има можност да почне да користи велосипед, без или со помош на електриката.
Логиката е едноставна: ако можат тоа да го прават земјите кои ја измислија моторизацијата, би требало да можеме и ние. Повторуваме, „велосипедизацијата“ првенствено би се одвивала во поголемите урбани центри. Освен подобреното здравје предизвикано од зголемената физичка активност, сите би профитирале од почистиот воздух, а страничните ефекти како што е значително ослободување на паркинг просторите, се добиваат како пригоден бонус. Не помалку важен е и економскиот фактор. Имено, со воздржување од користењето на автомобили во значителна мера ќе се растовари и семејниот буџет. За купување добар велосипед не треба да се издвојат големи суми, а згора на тоа и властите го субвенционираат купувањето.
Да заклучиме: сé што треба да направат надлежните се сведува на прекројување на коловозните ленти, останатото зависи од нашите навики. И нашата совест, пред сé!