Велат, на маката се познаваат јунаците! Сега нашата држава се соочува со мака која го погоди целото општество. На браникот први се најдоа здравството, па потоа и останатите институции и служби кои се неопходни за функционирање на државата. Полицијата, војската, пожарникарите, медиумите, комуналните служби, сите тие се на првите линии на фронтот. Тие се тука, за општеството успешно да го совлада опасниот вирус. Но, и многу побогати и поорганизирани општества од нас не се димензионирани за опасност од вакви размери.
Затоа, токму на тие служби, сега им е потребна несебична помош и солидарност од сите субјекти. Треба да им помогнеме за да можат да ни помогнат. За адресирање на заслугите ќе се погрижиме откако ќе го обезбедиме здравјето на нацијата. Но сé дотогаш економските субјекти ќе мора да покажат барем минимални дози на општествена одговорност.
За жал, не сите, барем кога се работи за авто-увозниците, се однесуваат како што тоа го налага моментот. Особено не така како што доликува на компании кои живеат од домашните купувачи. Компании кои исто така добро профитираат и од нашите заеднички пари. Јасно, тука мислам на тендерите кои ги добиваат од институциите, а се плаќаат од државната каса. Во кризни ситуации доаѓа до израз карактерот на економскиот субјект. И веднаш во очи паѓа еден факт. Компаниите во кои доминира домашниот капитал реагираа без многу задршка. Некои од нив можеби и над своите можности. Без калкулации и скриени, условени агенди.
Воопшто не ми е идејата да ги именувам компаниите кои донираа свои средства или пак возила. Воопшто! Длабоко сум уверен дека и тие самите не го сакаат тоа. Всушност, фирмите донатори ги соопштија примателите, а ниту во еден случај не се експонираа тие самите. Од друга страна разочарувачки делува однесувањето на компаниите со доминантен странски капитал. Добро знаеме кои се тие - започнувајќи од германските, бугарските, израелската, грчката… Според нивно сопствено тврдење тие се тука за остварување профит, а не за трошење пари.
Сé до тука работата е кристално јасно. Но повеќе од сигурен сум дека на првиот тендер тие најбрзо ќе реагираат, со голема извесност да ја добијат работата. Таква е економската логика, ќе ви потврдат од службите задолжени за организирање на тендерите. Иако нема да ни биде сé едно што се така поставени работите, во капиталистичките бизнис релации нема многу емоции. Парите и профитот се светост. Но дури и германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер деновиве изјави дека борбата против пандемијата на коронавирусот е еден голем „тест за хуманост“. Секако дека беше во право.
Се надевам дека набргу ќе ја добиеме битката со опаката болест, но што е исто така многу важно, како општество ќе знаеме да извлечеме поуки. Во најмала рака ќе бидеме поискусни за сознанието кој и како се однесуваше за време на големата криза!